Зошто Kandersteg International Scout Centre?

Kandersteg International Scout Centre или Интернационалниот Извиднички Центар Кандерштег е еден од најпознатите извиднички центри кој секој извидник треба да го посети барем еднаш во животот. Сместен во Швајцарските Алпи центарот работи во текот на целата година, а за него се грижат огромен број на волонтери од целиот свет.

Ена Андовска, извидничка од ИПО Галеб од Скопје летово беше дел од тимот на волонтери во Интернационалниот Извиднички Центар Кандерштег.

За 3те месеци кои Ена ги помина во Швајцарија и нејзините впечатоци прочитајте во овој краток текст.

kandersteg-scouts-macedonia-izvidnici-3

 

Зошто Kandersteg International Scout Centre?

Верувам дека нема извидник што не би сакал да посети светско jamboree и да биде дел од едно уникатно интернационално искуство. Јас бев поттикната токму од тоа да аплицирам како волонтер во Kandersteg. Но кога стигнав таму сфатив дека е многу повеќе од тоа.

Три месеци живеев и работев со повеќе од 100 луѓе од сите страни на светот од кои учите секој ден нешто ново. Позитивната енергија, секојдневниот поттик и извидничкиот дух многу лесно ќе ве натераат да заборавите дека работите.

Швајцарските Алпи кои го опкружуваат центарот секогаш ќе ви го одземаат здивот, од првиот зрак сонце па до првата ѕвезда навечер. Вечерните огнови, тематските забави, слободните денови за патување низ Швајцарија се само дел од работите кои ви стануваат секојдневие.

kandersteg-scouts-macedonia-izvidnici-2

Предизвиците, што секaко ги има, можат да бидат различни. Од запомнување на сите имиња за 2 дена до напорни работни денови со повеќе од 2000 присутни гости. Но ако не се истите искуството во овој центар нема да биде автентично.

Ентузијазмот на оние со кои ја делите работата и уште поголемиот на посетителите е она што секогаш ќе ве тера да се потрудите повеќе.

Сепак една од најдобрите работи со која ќе се стекнете е „малата“ фамилија на луѓе облечени во розево, секогаш со огромни насмевки на лицето. Невообичаено убаво е чувството како за само неколку дена ќе се запознаете со најразлични култури и карактери, а веднаш станувате пријатели за цел живот. Помагајќи на еден ваков центар ве прави дел од една интернационална заедница која што само ќе ви потврди која е улогата на извидниците во светот и дека колку и да сме различни сепак имаме една иста цел.

Со сигурност можам да кажам дека се ретки местата каде што може на ваков начин да стекнете едно незаборавно искуство кое што ќе ви го промени животот и ќе ви ги прошири видиците како што не можете да претпоставите.

kandersteg-scouts-macedonia-izvidnici

Доколку се чуствувате инспирирани од ова, продолжете кон официјалната веб страна на Интернационалниот Извиднички Центар Кандерштег и дознајте повеќе за центарот, како да аплицирате и станете дел од розевиот тим на волонтери.