Шест лесни начини како да ја насочите енергијата на вашите Развигорци

Најмладите секогаш знаат да бидат полни со енергија, а тоа значи и да не ви обрнуваат внимание вам и на она што им го кажувате. Едноставно некогаш останатиот свет околу нив им изгледа многу поинтересно од она што вие им го велите. Тоа знае да биде особено проблем кога имате состанок со вашата група Развигорци. Еве неколку совети кои ќе ви помогнат како да го добиете нивното внимание и да поминете што поквалитетно време со нив, а тие си заминат дома поисполнети.
SLIKA - Final

Нека бидат зафатени
Планирајте ги активностите кои ги вклучуваат децата физички – не само ментално. Наместо да користите активности кои вклучуваат употреба на фрази како „слушајте го ова“ или „погледнете го тоа“, сменета ја нивната насока и направете ги да гласат „направете го ова“ или „допрете го тоа“.
Гледајте просторијата или местото каде ги одржувате вашите состаноци да нудат изобилство на предмети кои ќе ви се најдат во креирањето на интересните игри и активности, макар и канцелариски материјали како маркери, за да има за секого по нешто и никој да не мора да чека во ред за да добие нешто.

Контролирајте го хаосот
Како да контролирате хаос освен ако не го означите и распоредите просторот околу вас каде што се одржува состанокот или кампот. Слободно користете ленти или конуси за да ја означите јасно линијата во која треба да се наредат вашите Развигорци или пак, за да им покажете кои области се забранети за движење. Кога е потребно Развигорците да седат мирно, искористете леплива трака или креда за да означите квадрати на подот, доволно големи да им дадат приватен простор на секој од извидниците. Децата ќе седат секој во својот квадрат, додека лидерите се движат и „лебдат“ околу нивните квадрати, истовремено комуницирајќи со нив. Со текот на времето, Развигорците ќе знаат дека штом започне состанокот, секој треба да си седне во својот квадрат и да учествува во активностите и дискусиите кои се испланирани за тој ден.

Вклучете ги родителите
Искористете ги рачните изработки за да ги вклучите и родителите во извидништвото и во процесот на развој на нивните деца. Тоа е особено клучно. Некои од родителите нека бидат задолжени за делење на материјалите и алатките, додека другите нека работат со децата на изработка на предметите.
Што повеќе родители, толку позабавен состанок. Така лидерот ќе биде слободен да одговори на милионите прашања кои Развигорците му ги упатуваат, истовремено контролирајќи го текот на активноста.

Внимателно планирајте ги проектите
Еден од најголемите предизвици во планирањето на состаноците и активностите е колку од работата треба да биде завршена однапред, а колку треба да им се остави на Развигорците да завршат. Ако децата ги завршат своите обврски прерано, постои „опасност“ да се појави хаос за време на состанокот. Од друга страна, ако проектот остане како домашна задача, тоа нема да ги направи среќни родителите.

Еден начин како да ја откриете „златната средина“ и да утврдите колку време е потребно за активноста и што треба да се заврши пред состанокот, а што за време на истиот, е да пробате да ја завршите активноста со помошта на некое друго мало дете, од вашето семејство или потесен круг на пријатели. Децата на иста возраст најчесто се заинтересирани за истите работи и имаат слична брзина во вршењето на задачите. Најдете активност која извидниците ќе можат да ја завршат за време на состанокот, но не за пет минути.

Дајте простор за изразување на креативноста
Рачните изработки можете да ги декорирате со маркери или пак на Развигорците да им дадете обични предмети кои ги користите за време на вашите активности и едноставно да оставите на нивната имагинација и креативност, па да видите што нивните млади умови можат да измислат.
Кога им дадете можност на Развигорците да остават свој печат врз предметите, тогаш тоа за нив прави голема разлика. Ги ангажира нив и ги ангажира нивните родители.

Секогаш имајте скриена карта во вашиот ракав
Без оглед на активноста која ја планирате, Развигорците ќе завршат во различно време. Наместо да ги натерате оние кои први ќе завршат да седат мирно, иако тоа речиси никогаш не е возможно, подобро е однапред да имате испланирано дополнителни активности кои ќе ви се најдат во вакви ситуации. Тоа ќе ги занимава оние кои ја завршиле активноста, додека останатите деца се уште работат.

Другата опција за сево ова планирање, се разбира, би била децата да седат мирно, како што тоа најчесто го бараат од нив на училиште, но тоа скоро никогаш не функционира во пракса. Децата ќе бидат многу посреќни доколку прават нешто со сопствените раце, отколку да седат и чекаат другите да завршат. Тие се нетрпеливи и најчесто од досада почнуваат да ги задеваат останатите деца, како би си го пополниле времето. Од друга страна, повеќе активности и задачи за нив, значи повеќе потрошена енергија и на крај од состанокот, духовно и ментално поисполнети деца. Верувајте дека родителите ќе бидат посреќни кога нивните деца ќе се вратат дома, изморени од сите тие игри и задачи, подготвени веднаш да се сместат во своите кревети, наместо да трчаат наоколу и прават неволји.

Интересно поминат состанок, за нив значи дека и следниот пат ќе ги очекува нешто интересно, па со нетрпение едвај ќе чекаат да помине неделата и повторно да се појават во просториите на извидничкиот одред или да дојдат на договорената локација надвор од него.