Успешно реализирана Школата за водачи “Зелениот Еди XII“

Според глобалната стратегија за обука на кадри на СИМ, извидничкиот одред „Димитар Влахов“ од Велес успешно ја организираше Школата за водачи на патроли „Зелениот Еди XII“. Оваа Републичка школа за обука на водачи се организираше во периодот 18 – 21.10.2018 година, во Извидничкиот центар „Голозинци“ во истоименото село во Општина Чашка.

44593799_1751024451690174_4855359557741838336_n

На школата учествуваа 18 извидници од извидничките одреди ИПО “Јадран“ од Скопје, ИО “Феникс“ од Прилеп, ИО “Димитар Влахов“ од Велес и извидници од иницијативата за формирање на извиднички одред во населба Чашка.

Целта на оваа школа беше запознавање на извидниците-учесници со основите на извидништвото и нивна подготовка како истите би прераснале во лидери за пример за помладите генерации и би се создава добра основа за понатамошно создавање на нови кадри на водачи на патроли.

Дел од активностите и работилниците кои се одржаа за време на школата беа игри за запознавање меѓу учесниците, запознавање со Извидничкиот метод, заветот, законите и принципите во извидништвото, униформата и ознаките, поделби во структурата на СИМ и структура на еден извиднички одред, итн. Понатаму, беа изработени патролни симболики, се дискутираше на теми како планирање на патролна средба и годишен план, беа презентирани методологиите на работа и функционирање, а на учесниците им беше појаснето и кои се оние особини кои е потребно да ги поседува еден водач на патрола.

Накратко кажано, извидниците се запознаа со многу нешта кои се составен дел од извидништвото, а кои се доста важни во формирањето на една одговорна личност која треба да биде водач и пример за помладите.