Skip to content Skip to footer

Дали знаевте дека 22 Април е прогласен за Ден на Планетата Земја од страна на Обединетите Нации и истиот се одбележува секоја година?

Сите сме сведоци на климатските промени и негрижата за планетата Земја, па затоа овој ден има за цел да нѐ потсети дека треба да внимаваме на нашите постапки и дека треба повеќе да се грижиме за планетата Земја бидејќи НЕМАМЕ РЕЗЕРВНА ПЛАНЕТА!

 

Потребни материјали:

– Затворен стаклен сад (Тегла)

– Камчиња или памук

– Земја од двор или од саксија

– Трева од двор или некое растение

– Вода

– Лента за украсување или темперни боички

 

Терариумот е исто како и аквариумот, но е наменет за растенија наместо риби. Терариумот е минијатурна градина којашто е затворена како свој мал свет. Со него можеме да го претставиме животот на планетата Земја, ефектот на стаклена градина и циклусот на кружење на водата.

Терариумот е составен од неколку дела:

– Камчиња или памук – овој слој служи за резервоар кој го чува вишокот вода на растението

– Земја – преку корењата кои се наоѓаат во земјата, растението ги зема сите потребни материи за живот (вода, минерали и слично). Овој дел го претставува копното на планетата Земја.

– Растение – го претставува целиот жив свет на планетата Земја (сите растенија и животни кои дишат).

– Воздух – овој дел ја претставува атмосферата, односно кислородот којшто растенијата го користат за дишење.

– Капак – овој дел го претставува горниот слој од атмосферата, кој не дозволува топлината да излезе надвор и поради тоа планетата Земја има погодни услови за живот.

 

Важно е да направиме околина која ќе биде погодна за растението. На пример ако ставаме кактус, тогаш треба да ставиме помалку вода или ако ставиме мов, тогаш треба да ставиме повеќе вода во терариумот. Откако ќе го затворите терариумот, тој не треба да стои изложен директно на сонце. Повремено проверувајте дали има доволно вода (дали има капки од вода на ѕидовите) и уживајте во глетката.

 

Постапката за правење терариум може да ја погледнете тука: https://youtu.be/xZAHYTygzMQ

 

Линк од активноста на NASA: https://climatekids.nasa.gov/mini-garden/

25 - terarium2