Одиме на хајк!

Хајкот е еден од најзабавните начини како да ја истражите природата во секое годишно време. Тој е една од стандардните активности на извидниците преку која тие ги испробуваат своите вештини и го применуваат во пракса она што го научиле. Што почесто се практикува оваа активност, толку подобри и поснаодливи извидници се создаваат.

p015gn2m

Понекогаш, извидниците се одлучуваат да се впуштат во авантура и самите да ја истражат природата. Тоа е добро, бидејќи покажуваат иницијатива, но затоа, пред сѐ, важно е да се знае што значи да се остане безбеден во природата при различни временски услови. Познавањето на основните правила и неопходната облека која треба да ја понесете со себе доколку се одлучите да се впуштите во вашата следна хајк авантура е главната предиспозиција за вашето патешествие помине во најдобар ред и истото да не се претвори во лошо искуство!

ИМАЈТЕ ПЛАН

Знајте каде одите и имајте испланирана рута која соодветствува на вашите физички можности. Најдобро е да хајкувате во друштво, а сепак добро би било вашата рута да му ја дадете и на некој кој нема да дојде со вас. Потоа, добро е со вас да понесете и мапа од патеката по која ќе се движите, за да не дојде до ситуација да се изгубите. Исто така, и проверката на временската прогноза е задолжителен чекор пред секој хајк. Тоа ќе ви даде предност однапред да се подготвите со тоа што е можно да ве очекува на отворено.

ШТО ДА НОСИТЕ

chizmi

Секогаш треба да бидете подготвени за различни температури во кое било годишно време. Секогаш носете удобни патики за хајк или цокули. Избегнувајте памучни материјали, бидејќи тие ја пропуштаат топлината од телото, што во случај на ниски температури, особено во текот на ноќта, и не е баш поволно. Затоа гледајте да бидете облечени во волнени или синтетичките материјали. Тие се најдобри материјали за чорапи, долна облека и горен или долен дел од облеката, бидејќи ја задржуваат телесната температура.

ОПРЕМА

За да можете целосно да уживате во вашата хајк авантура, бидете сигурни дека сте ја земале потребната опрема! Така ќе бидете порелаксирани при запознавањето со природата и убавините кои ви ги нуди местото кое сте го одбрале да биде вашата рута. Еве што ви е потребно за еден хајк:

- крема
– мобилен (во случај на опасност)
– џебно ноже
– лабело
– батерија
– екстра облека – храна и вода
– компас
– кибрит
– филтер за вода
– свирче
– прва помош

ДВИЖЕЊЕ
За време на хајк, едно од основните правила е: Најбавниот во групата треба да го постави темпото на движење! Замислете што би се случило доколку оној кој се движи најбавно го оставите последен, најверојатно и ќе се изгуби, а тоа воопшто не ви е потребно. Затоа секој пар треба да го гледа парот пред и парот зад нив. Правете паузи за да се прегрупирате, да јадете и да ги проверите сите членови на групата. Исто така, бидете сигурни дека се движите со добро темпо за да стигнете навреме. И, најважно од сѐ, држете се до претходно поставената рута!

ПИЈТЕ ДОВОЛНО ВОДА

voda

Многу е важно да бидете постојано хидрирани. Кога се движите, особено по стрмни предели, потребно ви е да вдишувате повеќе воздух, што самото по себе предизвикува и побрза циркулација на крвта. Притоа, вашата уста се суши и телото ви бара течности. Доколку хајкот го правите во текот на летото, тогаш и температурите се повисоки, што значи дека и вашето тело се поти, па нормално е и да му е потребно повеќе количина на вода за да го надомести изгубеното количество на течности. Носете шише кое ќе можете да го наполните пак, а дополнително, со себе, доколку сте во можност, понесете и филтер за вода. Сепак, не знаете дали ќе најдете вода за пиење или ќе треба да ги испробате вашите извиднички вештини на снаоѓање во природа.

ИНСЕКТИ

Кога одите во природа, нормално е да очекувате дека таму ќе наидете и на разни инсекти и бубачки, некои од нив ќе бидат досадни и ќе ве надлетуваат цело време, додека другите незабележливо можат да ве каснат што подоцна може да резултира и со оток на местото на убодот. Затоа, подгответе се за инсекти и други бубачки, особено ако некој во групата е алергичен на убоди! Се препорачува да се носат долги пантолони и ракави, бидејќи така ќе ги намалите шансите да бидете каснати. И секако, носете спреј! Од време на време добро е да се проверите дали имате закачено крлежи. Доколку сте „среќниот добитник“, пожелно е да знаете и како сигурно да ги отстраните!

ДИВ СВЕТ

mechka

Нормално, секогаш кога шетаме во природа и ќе здогледаме некое животно, сакаме и одблиску да го видиме. Но, не сите животни се безбедни по нашиот живот. Некои навидум изгледаат мало, беспомошно и слатко, но сепак кога ќе се почувствуваат загрозени или во опасност, знаат да бидат најдивите животни што некогаш сте ги сретнале. Затоа, што си е сигурно, си е сигурно! Ако видите диво животно, без разлика дали живо или мртво, не приближувајте се. Другото правило вели: Никогаш не хранете ги дивите животни! Можеби ви изгледа сосема невин вашиот гест да нахраните некоја птица со трошки од вашиот сендвич, но некои птици, таквиот гест може да го сфатат како преземање на нивната територија или како закана, па одненадеж и да ве нападнат. Пред да појдете на хајк, добро е да проверите на какви животни можете да наидете по пат и да се подготвите. На пример, земете спреј за мечки доколку поминувате на таква патека.

РАСТЕНИЈА

Никогаш не јадете некакви плодови освен ако не сте 100% сигурни дека не се отровни. Има доста растенија кои на прв поглед се многу слични со оние билки и овошја кои ги знаеме, а кои се јадат, но кои всушност можат да бидат отровни или пак, да ви предизвикаат осип или алергија. Дополнително, по патеките низ кои минувате има доста растенија кои при допир со кожата, можат да ви предизвикаат чешање или осип, па затоа носете долги пантолони и долги ракави.

Накратко, еве како би изгледале сумирани сите овие совети за хајк:

HAJK