Направи Добро Дело 2019

По повод 22ри февруари, Денот на извидниците, извидниците и извидничките одреди реализираа активности на локално и национално ниво под мотото “Направи добро дело”.
Во прилог може да погледнете некои од акциите и добрите дела кои беа остварени оваа недела.

И.О. Методи Митевски – Брицо

Младите извидници од “Брицо” се приклучија на акцијата „Креирај и донирај“, организирана од Зоолошката градина во Скопје и изработија различни реквизити за животните.


И.О. Мирко Милески

Извидниците од Кичево организираа крводарителска акција која благодарение на сите подржувачи и граѓани кои беа дел, беше доста успешно реализирана.

И.П.О. Галеб

Членовите на Извидничко Поречански Одред Галеб на 16ти февруари направија серија од добри дела. Најмалите, со дел од водачите хранеа улични кучиња во реонот околу Градскиот Парк, а дел од децата со дел од Младинскиот клуб спакуваа кеси со облека и ги закачија на дрвата во и околу Градски Парк, за да им помогнат на тие кои им е најпотребно во овие студени денови. Постарите извидници од патролите со дел од водачите во Градски Парк делеа чај на случајните минувачи и собираа донации за сликовници кои ќе бидат дадени на деца со помалку можности, а во межувреме членовите од Младинскиот клуб со помош на останатите деца од патролите и водачите зготвија и спакуваа околу 50тина оброци и во соработка со организацијата „Вистински Дела на Љубезност“ ги поделија на гладните пред Мајка Тереза.


И.Е.О. Пионер

Оваа година, извидниците од Охрид направија добро дело и донираа играчки во градинката Јасна Ристеска. Тие ги донираа своите играчки за најмладите дечиња од градинката со што повторно ја покажа својата хуманост и разбудија нови насмевки кај децата.

И.О. Ластовица

Извидниците од Ластовица, им го разубавија денот на Кочанчани со тоа што делеа чај и пораки со хумана содржина на случајни минувачи во Градскиот Трговски Центар.

Прв Скопски Извиднички Одред

Патролата Рисови заедно со својот водач направија едно различно добро дело. Тие отидоа до зелено пазарче и решија да им помагаат на луѓето со нивниот товар. Со испринтани листови се шетаа наоколу и ја нудеа својата помош при носење на торбите до домовите, автобус, автомобил или до каде и да е потребно.

Најмалите извидници – развигорците од јато Трски заедно со својот водач и волонтери од ПСИО одлучија да реупотребат стари пластични шишиња и да ги приспособат како резервоари за храна за птици. Тие наредија околу 20 резервоари со храна низ Градскиот парк.


Извидниците од јатата Коприви и Бамбуси годинава се одлучија да го исчистат нашето Водно. Мора да се напомене дека кесите беа преполни иако само мал дел од планинската површина беше помината.


Полициските станици, противпожарна и брза помош беа цел за правење добро дело на извидниците од патролите Мармезети и Бувови. Тие годинава се одлучија да направат вкусни домашни колачи со пораки за убав и спокоен ден и да ги поделат на вработените. Секако, останаа колачиња и за останатите грѓани кои ги среќаваа по пат кон овие институции.


Традиционално, Сојузот, како и секоја година ги организираше своите активности – Крводарителската акција, Ноќниот хајк, како и Денот на извидници со забавни активности за најмладите.
Сликите може да ги погледнете на следниот линк.