Камп – Основи на извидништвото 07-09.09.2018

Сојузот на извидници на Македонија, во соработка со извидничките одреди ИО „Ластовица“ од Кочани, ИО „Еквинокс“ од Штип и ИО „Армонија“ од Виница во периодот од 07 до 09.09.2018 во селото Трсино, општина Виница го организираше Извидничкиот камп на кој учествуваа 150 млади и извидници.

41450081_1954659554595923_6461834960335536128_o

Целта на кампот беше младите луѓе да се запознаат со основите на извидништвото и да им се даде можност да се стекнат со основните извиднички вештини. Преку 100 млади се запознаа со техниките на врзување јазли, правење логорски оган, рафтинг, кампување, стреличарство итн., притоа уживајќи во природните убавини на овој предел во Македонија.

Прекрасен поглед секое утро им пружаше вештачкото езеро во близина на село Трсино, во кое нема притоки на околни реки и поточиња, туку во него се акумулира водата од дождовите. Ова езеро, сѐ уште неименувано, воедно е и рибник каде локалните жители и љубителите на риболовот честопати престојуваат.

Село Трсино се наоѓа на западните падини на планината Голак, во крајниот северен дел на територијата на Општина Виница и неговиот атар се граничи со Општина Делчево. Селото е ридско и е сместено на надморска височина од 740 м. Атарот на селото зафаќа површина од 35 км2. Од Виница е оддалечено околу 20 км.
Ова мало село, иако навидум непознато има и долга историја. Во непосредна близина на село Трсино има населба и некрополи од римско време, додека во XIX век, Трсино било мешано село на Македонци и Турци, сместено во Кочанската каза на Отоманската Империја.