ИО „Феникс“ и Невладината АГТИС во „Експедиција нов простор“

Во четвртокот, 08.11.2018 година, во кино „Мис Стоун“ во Прилеп премиерно беше прикажан филмот „Експедиција нов простор“ кој извидничкиот одред „Феникс“ и невладината организација АГТИС од Прилеп го снимаа изминатите месеци на различни локации околу градот Прилеп. Овој филм кој е дел од проектот „Координати на културата – откривање нов културен простор“ беше финансиран од страна на Министерство за култура на Република Македонија. Целта на овој проект е да развие нови културни простори од самата средба на културата и извидниците, базирана на културни, културно-амбиентални и еколошко-естетски премиси.

45505010_10156983971036052_415565346045427712_n

Изминатите неколку месеци, патролите „Орли“, „Мајмунчиња“, „Пирати“, „Гепарди“, „Змејови и Хиени“ и „Индијанци“ влегоа во авантура со една цел: да ги посетат културните коти во околината на градот Прилеп и да ги пронајдат сите парчиња од сложувалката. Заедно со тимот на невладината АГТИС посетија различни места во пелагонискиот регион и го снимија овој извиднички филм, промовирајќи разни споменици, објекти и традиции од овој дел на Македонија, како иден интерес на извидниците. На интересен и на моменти комичен начин го претставија секојдневието на извидниците, не само од Прилеп, туку и другите градови во државата, предизвиците со кои водачите и старешините се соочуваат, со цел да им овозможат на извидниците интересна програма и активности.

„Мислам дека имаме многу убав производ, пред се, производ кој никогаш не е снимен во Македонија. Мислиме дека ова ќе биде голем потенцијал за понатаму, да се претстават извидниците пред светот. Сакам да им заблагодарам на извидниците за нивната посветеност, кои навистина пожртвувано и многу стрпливо не истрпија до крај, затоа што овде не беа само извидници, беа и глумци во исто време, се грижеа за опкружувањето и за претставување на културата на еден специфичен начин.“, изјави Александар Цветкоски, претседател на АГТИС.

Како што тие велат, оваа „средба“ е исткаена како феномен на културниот туризам и на новото разбирање на културниот простор, како креативен простор, во кој енергијата на младите постигнува нова култивација. Погледнете го филмот и уверете се и самите!