Зошто сум извидник? – Петар Танаскоски

Победник на втората недела од конкурсот за извиднички текст, а воедно и добитник на вториот амблем за вештарство – извидник писател е Петар Танаскоски од извидничкиот одред Пионер од Охрид.

Во продолжение оригиналниот текст од Петар, “Зошто сум извидник?“

Животот е еден голем лавиринт, кој има безброј влезови, но само еден излез. А сите ние понекогаш сме се нашле во тој лавиринт, барајќи го излезот, а ќе го најдеме токму тогаш кога ќе се осознаеме самите себеси, кога ќе се научиме кој сме, каде сме и што сакаме да бидеме.
 Јас го пронајдов тој излез, токму тогаш кога решив да бидам извидник. А зошто тоа, ќе се запрашаат многумина? Одговорот е едноставен, во мене имаше еден дух, што ме поттикнуваше да бидам различен од другите. Станав извидник, зошто сакав да научам што значи да преживееш, во состојба кога невозможното треба да го направиш возможно, кога парчето леб ќе треба да го споделиш со другите, кога капките дожд ќе се слеваат по твоето тело, а ти со твојата прекривка треба да го заштитиш и другарот. Извидникот не е само да преживее, извидникот е оној кој знае да ја заштити природата, флората и фауната во неа, засадувајќи дрвца, градејќи засолништа за беспомошните птици, носејќи храна за оние што останале без неа… Станав извидник, бидејќи сакав да ги достигнам врвовите од планините, со храброст, понекогаш и со потешкотии, но и со голема гордост кога на врвот ќе го поставевме извидничкото и Македонското знаме, ќе ги развиоривме марамите. Како што школката се гордее со својот бисер, небото со своите зраци, јас се гордеам со тоа што сум извидник.
Со тоа што станав извидник, научив дека човекот е голем ако има големо срце, богат ако знае да подели се. Научив да живеам, почитувам, сакам, научив во безизлезот да го пронајдам излезот, на гладта да одговорам со ситост, на стравот со храброст.
Биди и ТИ извидник, доживеј го предизвикот на она што се нарекува ЖИВОТ.
10291105_354612718052766_5715270552197737290_n