Запознај ги скопските извидници

Заедно со тимот на „Запознај ги скопјани“ имавме еднодневна дружба каде се запознавме со дел од скопските одреди и извидници. Тие ги споделија своите искуства, авантури, кажаа што им фали, но и што им е најубаво во нашиот град и за извидништвото во Скопје.

Тука можете да ги прочитате нивните приказни:

Бојан од ИПО Галеб – „…Почнав на извидници негде кога имав 9, 10 години и еве веќе 7 години сум дел од таа приказна. Прв пат почнав со еден многу добар водич, кој и ден денес го земам за пример. Тоа е Ники. Она во главно ме воведе во целото извидништво и ме научи што тоа значи. Јас на почеток тоа го гледав како начин на одење во природа и шетање. Подоцна сфатив дека тоа е нешто што многу ме исполнува, ме зближува со луѓето, со природата, ми помага да ја осознаам околината и градот… И така од една игра која ја спроведоа извидниците во моето школо, за време на регрутација, јас решив дека ќе почнам да одам на извидници и тоа продолжи до ден денес. Конкретно, со мојот одред често одиме во Катланово… Пред некое време бевме во Демир Капија. Многу беше интересно, се качувавме по карпи, се дружевме, пешачевме… Во глобала, сегде кај шо одиме заедно е интересно. Во Скопје многу често состаноците ги одржуваме на Водно, во Градски Парк, паркот во Гази Баба, затоа што тоа се можеби единствените зелени површини кои ги нуди градов. Секогаш кога ќе пројдам низ Парк гледам барем една група на извидници и секогаш си размислувам дека тоа е можеби местото што онака ми го промени животот. Значи, не можам ни да замислам бројка за да кажам колку точно пати сум бил со извидници во Парк… Токму во тој контекст, на Скопје му фали природа. Мене како извидник во градов, ми фали поголем избор на зелени површини. Скопје ми влева различни емоции. Имам голем број на ствари доживеано во градов ама не сѐ. Сеуште трагам по нови искуства. На моменти се чувствувам многу среќно во него, но на моменти и многу изгубено. Изгубено затоа што некако нема многу луѓе и осеќам дека вратите за иднината не ми се баш отворени. Мислам дека овие нешта дефинитивно можат да се променат. Секако, не го имам истото мислење за сите сфери од животот. На пример уметноста и музиката се ствари кои ме привлекуваат, а искрено за нив не гледам некое поле на напредок. Сепак, ако се има упорноста, успехот е можен…“

60207575_2254545281292461_2309700263507656704_o

Миќо од ИПО Галеб – „…Член сум на „Извидничко поречански одред Јадран“ од Скопје, еден од најмасовните одреди во Македонија. Извидник сум од своите девет години. Не кажувам колку години, ама многу се… Мислам дека единствена паметна работа што сум ја напраил во детството е што сум станал извидник. Буквално секаде сакам да одам со извидниците. Секоја можна прилика ја искористувам. Дали е тоа одење на река, езеро, море, планина, во Македонија или во соседството, јас секогаш одам кога сум слободен. Имам многу случки за раскажување. Ќе ви кажам една. Беше на една од последните првомајски пловидби по Вардар. Некаде на половина пат меѓу Скопје и Велес има едно место, кое ние извидниците го викаме „Бук“. Многу е опасно за поминување. На таа пловидба, ни се случи да се истумбаме на тоа страшно место, сите три чамци. Наеднаш се најдовме во ладните води на Вардар. Меѓутоа, обуката во извидништвото и вештините, напраија сите да бидеме среќни, весели и малку мокри… Голем број на места потсетуваат на извидничките денови. Едно од нив е „Даре Бомбол“, на Средно Водно, големото езерце во Парк. Секако нема да го изоставам и извидничкиот дом на ИПО Јадран, што се наоѓа во село Катлановска Брезица. Во Скопје сум среќен. Тука сум роден, тука израснав, се школував, работам… Можеби не го сакам вакво, како што е во моментов туку она повеќе она мое Скопје, што го памтам од средношколските денови. Тогаш имаше еснаф. Еснаф во извидници, занаетчии, излегување… Тогаш Скопје беше помал и помирен град. Едноставно, тука го пронаоѓавме она заедничкото, ние скопјаните. Денеска, во случајов, мислам дека не е така. Тоа што ми фали во градов, како извидник е зеленило, пловни реки, чисточа, езерцата во Парк и ми фалат оние незаборавни пловидби по Вардар, што ги организиравме секој 1 Мај. Но, секогаш ќе си останам верен на мојот град… Ако ете се случи нешто да морам да го напуштам градов, тогаш посакувам да остане Скопје вакво какво што е и да не оди по некоја надолна линија…“

59872876_2251123724967950_4206262894054080512_o

Ели од ИО Методи Митевски Брицо – „…Ели е збунет адолесцент, скопјанка, студент, вечен оптимист и извидник пред сѐ. Во Скопје се чувствувам како своја. Опуштена сум. Каде и да отидам нема да се осеќам толку своја како овде затоа што тука го знам воздухот што го дишам, уличките по кои одам, луѓето со кои се сретнувам… Можеби ќе речат дека ми е Save zone, ама ми е најубаво. Да, секако е добро нови и поразлични работи да искусиш, ама сепак ќе се вратам во Скопје. Затоа сум дел од извидниците, за да искусам нешто ново, нешто што го нема во формалното образование. Секогаш кога патувам со извидници, макар да е тоа и до Парк или Водно, си има свој белег. Буквално секоја нова прошетка е најинтересна и најдобра… Меѓутоа, сакам да одам и на подолги кампови. Најубаво ми е во Извидничкиот Центар во Охрид. Таму си свој покрај своите… Секако, нема да го пропуштам и Говрлево. Од скопски места па омилени ми се Водно, Парк, моето маало – Црниче и бараката на Брицо. Инаку, вo извидничката приказна се појавувам прво како развигорец (најмалата извидничка категорија), потоа извидник и истражувач, а сега сум во улога на водач. Една од малкуте работи што не би ги направила различно, доколку повторно се родам, е тоа да бидам извидник. Сметам дека, токму извидниците ми пружиле голем број на искуства кои не би можела да ги напраам, надвор од нив. Тоа се најразлични работи, од одење на Малта до буквално јадење скакулци… Во Скопје, како извидник, ми фали поголема сфатеност на нашите проблеми и идеи, од страна на локалните власти. На пример, доколку побараме нешто секогаш тоа се сместува во идни проекти, идни случувања, а сакам да сфатат дека сериозно гледаме на работите и дека навистина сакаме да направиме нешто…“

60060429_2250147681732221_9142177333686304768_o

Светле од Методи Митевски Брицо – „…Една поинтересно-смешна случка ни се случи со сестра ми на извидници, кога бевме 7одд. на првиот камп со преспивање. Бевме во Маврово. Нормално како и секогаш, најинтересните моменти од камповите се седенките покрај оган во ноќните часови. Јас и сестра ми ништо нејќевме да пропуштиме. Поголемите ни викаа да си легнеме ама ние се заседовме до касно. Нормално, што се случи? Заспавме стоејќи покрај оган… Случкава ние не ја ни памтиме, туку сите ја зборат уште од тогаш и ја раскажуваат. Инаку, тоа што ме поттикна да тргнам на извидници, беше шарената и интересна барака, која се наоѓаше во нашето основно училиште Кузман. Секогаш кога бевме во дворот ја гледавме и многу не привлекуваше. Тоа е просторијата на мојот одред каде што се одржуваат состаноци и некои активности. Така, почнав да одам на извидници во 4то одделение, а денес сум и водич, односно имам патрола од дечиња. Во Скопје има доста млади луѓе. Зависи од периодот, ама во главно сум среќна во градов. Сите знаеме какво е расположението, ама има доста луѓе со огромна надеж за Скопје. И кога си покрај тие луѓе некако и твојата надеж почнува да работи. Имам список цел, на работи што ми фалат… Главно, фали простор. Можеби простор кој ќе биде плус за извидниците. Мене омилено ми е селото Говрлево, што сепак се наоѓа во околината на Скопје, каде обожавам да одам со извидници. Тоа ни е местото како go to за нашиот одред. Таму ги правиме одредските акции и некако се приврзавме за тој простор. Буквално секој милиметар го имаме поминато. Сепак, задоволна сум во последното време со извидништвото во Скопје. Има многу млади деца. Сепак, треба да се вложува многу труд. Македонија, а и Скопје, имаат капацитет за разнолики активности. Мислам дека многу повеќе можеме да ги искористиме можностите што ги нудат. А за се тоа да се случи, треба малце младите повеќе да се активираат. Тоа всушност го поттикнуваме ние на извидниците…“

59938213_2250147668398889_8767594514039701504_o

Виктор од ИО Браќа Миладиновци – „… Доаѓам од скопскиот одред „Браќа Миладиновци“, добро познат како Boney M… Мојата приказна со извидници започна уште пред 20 год. Луѓето што тогаш беа активни членови во мојот одред дојдоа во нашето школо и ни понудија различни активности и нови искуства кои ми се видоа интересни. Така станав извидник и еве сѐ уште сум активен во таа сфера. Во Скопје сум среќен. Исполнето се чувствувам. Тука сум израснат и ми е убаво. Последен ден во Скопје не би имал, затоа што нема да го напуштам никогаш. Ако ете се случи нешто, веројатно би се стационирал на врв на Водно и така би го поминал. Задоволен сум од градот, луѓето, ноќниот живот и дефинитивно не би го сменил со ниеден друг. Некои места во него како Водно и Парк, целосно ги поврзувам со моите извиднички денови. Ќе го споменам и Градовци, кое не е баш во Скопје, каде често одам поради честите извиднички активности. Супер ми е, можеби едно од поомилените места. Отсекогаш имало дружби, а со тоа и премногу смешни случки, дури не можам да издвојам некоја нај. Хмм… Можеби случката кога врзавме два шатори па тие од внатре не можеа да искочат… Со текот на годините, како генерациите се менуваат така и ваквите нешта. Па така, секоја генерација си носи свои интересни и смешни моменти. Како скопјанец, но и како извидник, би сменил некои работи. На Скопје дефинитивно му требаат повеќе паркови. Можеби и некои пловни води бидејќи имаме извидници кајакари на кои им се потребни. Уствари, многу работи во животот ми се поврзани со извидниците. Запознав многу нови луѓе, се надградив себеси, прифатив морални вредности, се здобив со вештини кои и ден денес ми користат и ред други работи. Така да ако пак имам можност да изберам дефинитивно повторно би бил дел од извидниците…“

59782420_2248088511938138_3776725177581174784_o

Касија од Прв Скопски Извиднички Одред – „…Сѐ најубаво во мојот живот, до сега, се случило во градов. Сите ми се тука… Сите мои пријатели и моите роднини. Навистина сум среќна и ми е убаво во Скопје. Јас почнав да одам на извидници од 8год. во „Првиот скопски извиднички одред – ПСИО“. Тогаш прв пат дознав од мојот дедо што се извидиците. Сеуште одам и ми е многу убаво. Имам многу другари од таму и многу се дружиме. Како извидник во овој град, осеќам дека ми недостасува повеќе простор, ако има тоа некаква смисла… Можеби и некои нови активности и случувања. Друго што ми фали во Скопје е зеленило. Поголемиот дел од него, за жал, е сега уништено. Две места кои највеќе ме потсетуваат на извидничките денови се: големото езеро во Парк, каде што често одиме и „Домче“ – нашата мала куќичка. Не куќичка, ама место каде што се собираме кога имаме состаноци со нашиот одред. Обожавам кога одиме на Китка и Караџица, затоа што секогаш мнооогу пешачиме и си зборуваме. Често си ги споделуваме убавите моменти и работите што ги сакаме на извидници. Преку недела еднаш неделно се собираме, а понекогаш и повеќе ако се случуваат некакви дополнителни активности. Како и да е, јас секогаш сакам да сум присутна. Постојат многу смешни моменти што се случиле на нашите активности. Ќе издвојам една случка од последната организирана смотра од Сојузот на извидници на Македонија. Бевме во Охрид и заедно со една моја другарка од ПСИО, пловевме сами со чамец и наеднаш цели се превртевме и паднавме во вода… Инаку, од Скопје би си отишла единствено ако студирам на некој факултет во друга држава. Сепак, би се вратила назад во него, затоа што тука сакам да живеам…“

59651744_2246944715385851_6232883933256613888_o

Не заборавајте да ги посетите и лајкнете Запознајгископјани на Фејсбук: www.facebook.com/zapoznajgiskopjani