Еве како да бидете подготвени за совршена авантура

Сите сакаме да се впуштаме во интересни и нови авантури, да посетуваме и откриваме нови места и да запознаваме нови предели. Но, како што досега се покажало, не секогаш авантурите изглегуваат онака како што сме ги замислиле.

Затоа, за да не дојде до несакани и неочекувани ситуации, треба да сме подготвени уште пред да тргнеме и се впуштиме во некоја нова авантура. Дел од основните предмети и опрема кои треба да ги носиме секојпат со нас се добро познати, но секое годишно време налага и дополнителна опрема која не секој од нас ја познава.

Print

Есента сама по себе значи поладно време, но и доста променливо на моменти. Понекогаш од сончево може да се претвори во облачно и ветровито, па потоа веднаш да сврти на дожд. Затоа е пожелно со вас да понесете џемпер, кабаница и зимска капа, како би биле подготвени за секоја од овие промени на времето. Иако е заладено, тоа не значи и дека некои од најситните предизвичкувачи на проблеми се повлечени длабоко во земјата. Крлежите сѐ уште демнат, затоа не ги потценувајте и со вас понесете си пинцета, со што би можеле полесно и правилно да ги отстраните доколку решат да ви се закачат.

По ова годишно време, нѐ очекува зимата. Од година в година ова годишно време знае значително да се разликува. Некогаш изгледа како да е пролет надвор, за потоа одненадеж да нѐ изненади со ниски температури под нулата и со високи и чести снежни наноси. Затоа, за секој случај, подобро бидете подготвени, отколку да се мрзнете на ниските температури. Понесете си грејачи за нозе, но и резервни чорапи, џемпер, капа и ракавици. Никогаш не се знае што може да ве снајде.

На сите ни олеснува кога ќе дојде пролет, бидејќи тогаш веќе може повеќе да се ужива во природата и да се прават повеќе активности. Но, исто како и во текот на есента, и во пролет времето знае да биде променливо, а инсектите само што почнале да се будат од зимскиот сон и да се појавуваат на површината на земјата. Така, најдобро е со вас да понесете џемпер, кабаница, но и пинцета и спреј за инсекти, со што нема да дозволите овие мали суштества да ви пречат во вашата голема авантура.

Летно време температурите знаат да се искачат и над 40-от степен, но исто така одненадеж знае да паднат и обилни врнежи. Затоа и во ова годишно време не е лошо со вас да понесете кабаница. Инсектите сѐ уште демнат, што значи пинцетата и спрејот против инсекти сѐ уште се задолжителен дел од опремата.

Секој од нас ужива на различен начин во природата и има различна дефиниција за тоа што значи авантура. За некого, тоа значи еден куп фотографии и видео докази од прекрасните места кои сме ги посетиле, за други тоа значи набљудување на флората и фауната, додека за трети тоа значи уживање во звуците на природата и истовремено читање на омилената книга. Индивидуално, секој за себе, понесете го она што сметате дека ќе ви пружи најголемо задоволство и ќе ја направи вашата авантура вредна за паметење.