Кристина Кочевска : Да се биде волонтер, да се биде дел од интернационалното извидништво

Велат најдобриот начин да се пронајдеш себеси е да се изгубиш во давање помош на другите….Кога работите ви се чинат неподносливи и го чувстувате стегањето од ланецот на секојдневието најдоброто нешто што може да донесе целосен животен пресврт е да се стане волонтер или уште подобро да се замине на волонтерска пракса во странство. За мене, како долгогодишен извидник и штотуку дипломиран студент во потрага по нови искуства ваквиот чекор беше логичен. Чувството пак, кога сфаќате дека сте токму вие личноста која е избрана за волонтерска мисија е како да сте изгребале добитно ливче. Единствено што, моето “ливче на среќа“ имаше двојна вредност.

20170801_110129[1]На 4ти април оваа година ја започнав својата шест месечна волонтерска пракса во земјата што отсекогаш ме восхитувала и во градот лулка на културните знаменитости, Париз. Токму тука се наоѓа главното седиште на организацијата за која работам, Сојуз на извидници на Франција (Scouts et Guides de France), организација која припаѓа на групата француско извидништво заедно со уште 5 асоцијации. Воедно, таа е и најголема невладина организација во Франција со 74 000 членови, 17 000 волонтери и околу 200 вработени. Во нејзините редови се најдов и јас како дел од интернационалниот тим. Мојата прва улога е волонтер на националната програма Service Civique и сум одговорна за мисијата развој на партнерства преку интернационални средби и граѓански активизам, а како втора зајакнување на партнерството меѓу Сојузот на извидници на Македонија и Франција.

Не може да биде поневеројатно и уште посовршено кога го работите тоа што го сакате во земјата која сакате да ја истражите.

FB_IMG_1502185977988[1]Но да се биде волонтер во друга држава покрај позитивните страни носи и свои предизвици. Како прв предизвик со кој се соочувате во новата средина е јазикот кој се зборува. Иако пред 4 месеци дојдов со добро познавање на францускиот јазик, сепак имаше ситуации на недоразбирање особено во друштво на парижаните кои го негуваат таканаречениот “париски” дијалект. Друг предизвик е прилагодувањето на различната култура. На почеток е дури неверојатно колку мали нешта во однесувањето би ве направиле да изгледате чудно за средината во која се наоѓате. Eдноставно луѓето имаат различни навики, но добро е што по некое време сè може да се научи. Убавината на волонтерството кулминира кога секој предизвик се претвора во позитивен исход. Нивото на разговорниот јазик се подобрува побрзо и од три интезивни јазични курсеви, сите стериотипи кои сте ги имале за културата се пречкртуваат, и развивате нови ставови и мислења за речиси сè. Листата на придобивки од едно вакво искуство е долга и различна за секој. Моето искуство во Сојузот на Извидници на Франција е чекор кон лична независност, лекција за добар менаџмент и организација, потсетник дека сè е возможно, но е потребно време.

20170801_122826[1]Покрај личниот развој, при извршување на задачите во склоп на мисијата се стекнуваат професионални вештини. Една од моите задачи е валоризација и промоција на волонтерските пракси кај извидниците и водачи на Франција, преку употреба на социјални мрежи и промотивни материјали. Уште еден бонус е што како волонтер во извидничка организација не сум обврзана единствено да работам во канцеларија. Често се оди на дополнителни семинари и за време на летото има огромен број кампови за вистинско доживување на извидништвото, а при тоа се помага на локалното население или средина. Јас го одбрав кампот во Le Mont Saint Michel, акцентот беше ставен на едукацијата на младите за еднаквост, меѓусебна почит и нивно лично дооформување. Меѓу активностите беше и реставрацијата на ѕидини од 17ти век, како и едно од најавантуристичките потфати – преминањето на морето или пешачењето низ кал, оваа авантура се овозможува заради снижувањето на нивото на морето како последица на гравитационите сили на месечината и сонцето, а пак пејсажот кој се создава за време на овој феномен соодветсвува на она што го нарекуваме рај на Земјата.

Но, кога летото ќе заврши се поставува најтешкото прашање, што потоа? Што понатаму? Едно вакво искуство сериозно ве тера на размислување за идните постапки, лично имам повеќе опции, но единственото за кое што сум сигурна е дека ќе продолжам со извидништвото, тоа е едноставно дел од мене. И, за сите оние кои се прави, но се чувствуваат по малку изгубени, извидници или неизвидници ви препорачувам да се вклучите во што е можно повеќе волонтерски активности и никогаш да не се плашите да земете учество на меѓународни собири затоа што единствено на тој начин ќе може да ја доживеете убавината на интернационалното, а особено интернационалното извидништво.